Меџити до Таравари: Не се враќаш кај народот – се враќаш на црната листа

од Nikola Popovski
850 прегледи

Еден од лидерите на ВЛЕН и вицепремиер во Владата, Изет Меџити, преку објава на Фејсбук реагираше на одлуката на Алијанса за Албанците да ја напушти Владата. Во врска со изјавата на Таравари дека АA се враќа кај народот, Меџити иронично порача дека се враќа на црната листа и дека ја предал Владата.

„Ти не ја донесе промената – ја спречи промената. Не се враќаш кај народот – се враќаш на црната листа. Не ја напушташ Владата -ја предаде Владата. Ти не го претставуваш духот на членството во AА – го измами членството. Ти не си херојот на оваа приказна – ти си очајот на секој Албанец – интелектуалец или необразован, работник или бизнисмен, маж или жена. Вие сте разочарувањето на секој активист и симпатизер, на секој Албанец кој гласал и поддржал промени.

ВЛЕН го продолжува патот на промените. Ги покануваме и великодушно ги поздравуваме сите активисти, симпатизери и гласачи кои се чувствуваат измамени, предадени и оставени на средина од патот без насока. Политичкиот компас на промените е ВРЕДНОСТА. Дојдете со нас“, апелира Меџити.

Едното крило на Алијансата за Албанците одлучи да ја напушти Владата и да се приклучи на опозицијата по двочасовен состанок со претставници на владејачката коалиција. Како што изјави Арбен Таравари, оваа одлука следела по незадоволството што го чувствувале подолго време, а како дел од причините ги наведе „балансерот“, алатка што се користела при вработување во државните институции со цел да се обезбеди соодветна и правична застапеност на етничките заедници и Законот за јазиците. Тој додаде дека „никој не е роден во владата“.

Меѓу другото, Таравари рече дека нивните мандати ќе им бидат вратени на граѓаните и дека Алијансата е единствена партија.

„Одлучивме Алијансата за Албанците да оди во опозиција. Никој не е роден во владата“, рече лидерот на ова крило на АА.

Слични содржини