Меџити го поддржува протестот за поддршка на поранешните водачи на ОВК и ќе даде согласност за негово одржување

„Го сметаме протестот за демократско право, а ОВК е наша национална гордост“, изјавил градоначалникот на Чаир, Меџити

од Nikola Popovski
30 прегледи Фото: Фејсбук

Изет Меџити, еден од лидерите на коалицијата ВЛЕН, изјави дека во принцип го поддржува протестот за поддршка на поранешните водачи на Ослободителната војска на Косово (ОВК), на кои им се суди во Хаг, кој треба да се одржи во Скопје на 13 декември. Тој како градоначалник на Чаир, општина каде што треба да се одржи протестот, ќе даде согласност за негово одржување.

Меџити ги дал овие коментари во изјава за „VOX Kosova“, каде што нагласил дека протестот е демократско право и дека „ОВК е национална гордост“.

„Во принцип, да (го поддржувам). Протестот е демократско право. Ние го сметаме протестот за демократска вредност, а ОВК е наша национална гордост“, изјавил Меџити за „VOX“.

На прашањето дали лично би учествувал во протестот, Меџити не одговорил директно, но рекол дека ќе даде согласност за негово одржување.

„Ќе дадеме согласност за одржување на протестот. Се надевам дека сè ќе помине добро“, нагласил поранешниот вицепремиер и министер.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети веќе најави дека следниот протест за поддршка на поранешните водачи на ОВК на кои им се суди во Хаг ќе се одржи во Скопјe на 13 декември.

Најжестокото противење на протестот дојде од премиерот Христијан Мицкоски. Тој го нарече протестот „погрешен потег“ на претседателот на ДУИ и рече дека очекува дури и од коалицијата ВЛЕН, неговите партнери во Владата, да не го поддржат протестот.

„Со овој протест, тие се обидуваат да се мобилизираат пред партискиот конгрес, но само ќе докажат дека ќе им биде многу тешко да најдат коалициски партнер во иднина. Јас не ја поддржувам таа идеја и не се согласувам со тој протест. Убеден сум дека ниту ВЛЕН нема да го поддржи“, рече пред неколку дена Мицкоски.

Ахмети веќе беше учесник на два протести што беа организирани во Приштина и Тирана како поддршка на поранешните водачи на ОВК.

Во Судот во Хаг им се суди на Хашим Тачи, Кадри Весељи, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими за воени злосторствата извршени на Косово.