Македонија денес направи значаен чекор кон решавање на долгогодишниот еколошки проблем со опасниот индустриски отпад. Првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити, го оцени потпишувањето на договорот за инфраструктурно партнерство со Обединетото Кралство како историски момент за земјата.
Договорот, кој беше потпишан во собата на Винстон Черчил во британскиот Оддел за бизнис и трговија, ќе овозможи инвестиции во клучни сектори како железничкиот сообраќај, образованието и здравството. Но, најголем акцент ќе биде ставен на чистењето на опасниот отпад што долго време претставува закана по животната средина и здравјето на граѓаните, особено во близина на старите индустриски погони од времето на Југославија.
„Ова е нова шанса да го решиме проблемот со опасниот отпад еднаш засекогаш, со што ќе обезбедиме почист воздух и поздрав живот за сите нас“, изјави Меџити.
Во владината делегација беа и вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски, министерката за образование и наука Весна Јаневска, како и директорот на Македонски железници – Инфраструктура, Синиша Ивановски.
Овој договор значи почеток на конкретни акции за подобрување на животната средина и инфраструктурата во Македонија.