По долгогодишниот застој и неефикасност во работењето на претходната влада, Министерството за животна средина и просторно планирање денеска го презентираше проектот за подобрување на управувањето со отпадни води во Кичево. Проектот опфаќа изградба на нов колекторски систем, секундарна канализациска мрежа и поврзување на постојната пречистителна станица.
Министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, истакна дека проектот е од огромно значење за граѓаните на Кичево, кои долго време се соочуваат со проблеми во управувањето со отпадни води. Меџити објасни дека, и покрај почетните проблеми со организацијата и капацитетот на изведувачот, биле принудени да го раскинат договорот со досегашниот изведувач, кој не покажал значителен напредок во реализацијата на проектот.
До 5. декември 2024 година, од планираните 24 месеци за изградба, само 17% од проектот биле реализирани. За да се обезбеди успешна реализација, Министерството за животна средина и просторно планирање ќе обезбеди нови буџетски средства преку повеќегодишна јавна набавка, бидејќи ИПА средствата од претходниот програмски период веќе не можат да се искористат.
Проектот вклучува изградба на главен канализациски колектор од Зајас до Кичево, кој ќе биде долг околу 11 километри. Овој колектор ќе ги прифати отпадните води од неколку населби, вклучувајќи Зајас, Грешница и Строгомиште, а ќе биде поврзан со постојната станица за третман на отпадни води.
За реализација на проектот Министерството ќе инвестира повеќе од милијарда денари (1.088.550.000 денари) во периодот од 2025 до 2028 година. Проектот ќе се реализира преку два главни договора: за градежни работи и за надзор над работите.