Меџити „најверојатно“ во битка против Османи за Чаир

од Nikola Popovski
14 прегледи

Изет Меџити „најверојатно“ ќе биде кандидатот на ВЛЕН за градоначалник на Општина Чаир. Вака изјави денеска вицепремиерот и еден од лидерите на владеачката коалиција запрашан за имињата на кандидатите за локалните избори.

-При крај се консултациите и ги чекаме резултатите од анкетите. Сакаме да ги дадеме најдобрите и најпрофесионалните решенија за секоја општина кои не само што ќе бидат победници туку и најдобри во реализација. Мислам дека до крајот на неделата ќе имаме кандидатите од ВЛЕН за секоја општина посебно, од Струга до Липково, рече Меџити на прес-конференција во Владата.

Еден од челниците на ВЛЕН смета дека партијата на Али Ахмети ја изгубила битката уште пред да почне.

-ДУИ веќе даде 7,8 албански општини на двете Алијанси. Од 11 или 12 градоначалници, ДУИ денеска има само 7 кандидати. Ќе бидат најголеми губитници на изборите бидејќи мислам дека ќе останат само со 2 или 3 општини. Тоа ќе биде почеток на крајот за нив, додаде Меџити.

Од претходно ДУИ соопшти дека потпретседателот на партијата, Бујар Османи ќе биде нов кандидат за градоначалник на Чаир. Опозициската партија пак тврди дека претстојните локални избори не се само натпревар за управување со општините, туку се политички референдум за стратешката иднина на државата и за нејзината ориентација кон европското семејство.

Веќе е јасно дека во битката за главниот град ќе се соочат актуелниот градоначалник на Кисела Вода од ВМРО- ДПМНЕ Орце Ѓорѓиевски и кандидатката на СДСМ, Каја Шукова.

Слични содржини