Меџити: Наскоро ќе имаме над 10 лекови на позитивната листа

од Nikola Popovski
204 прегледи

За многу кратко време ќе имаме приближно над 10 лекови ставени на позитивната листа на лекови, најави министерот за здравство Фатмир Битиќи.

-Ова е многу сензитивна точка, 15 години не е ревидирана, ажурирана позитивната листа на лекови. Постапивме многу сериозно и еден мој главен приоритет кога дојдов како министер кажав дека ќе биде позитивната листа. Ние тогаш немавме јасни протоколи, немавме стручна комисија, ние направивме сè и веќе комисијата неколку пати заседава, има состаноци, многу интензивно работат. За кратко време, еве можам да споделам во вашето студио дека за многу кратко време ќе имаме двоцифрен број веќе ставен во позитивна листа за најголемите дијагнози – кардиоваскуларни, онколошки, невролошки што ќе има терапија за тие дијагнози. И ќе бидат приближно над 10, рече Меџити во интервју.

Тој посочи дека досега се разгледани околу 36 апликации, од кои 22 се оригинатори, 10 генерички и 4 се ентерална нутриција.

Меџити истакна дека ќе бидат разгледани уште 28 нови апликации, а за следната година се побарани дополнителни 2,9 милијарди денари за нови лекови на позитивната листа.

Според годишниот извештај на ФЗОМ за 2022 година, и лани на прво место по бројот на реализирани рецепти и според вкупниот фактуриран износ се лековите за третман на заболувања на кардиоваскуларниот систем. Во 2022 година се реализирани околу 10,3 милиони рецепти во износ од 718,7 милиони денари. На второ место, според бројот на реализирани рецепти, во 2022 година се лековите со дејство на дигестивниот тракт и метаболизмот. Веднаш зад нив се лековите кои делуваат на респираторниот систем.

Според Светската здравствена организација (СЗО), Северна Македонија е меѓу земјите кои имаат големи приватни плаќања за здравствена заштита мерено според капацитетот на домаќинството да плати за истата. Тоа најмногу ги погодува посиромашните луѓе и домаќинствата со постари членови. Трошоците се должат главно на приватни плаќања за лекови.

Слични содржини