Меџити: Нема ниту еден Албанец вработен во МАНУ, ни „кафекувар“ нема

од Nikola Popovski
133 прегледи

Мислам дека треба позитивно да гледаме и да бидеме среќни што сите бараме повеќе да се посветиме на научни истражувања и академски достигнувања. Со тоа државата не губи и сметам дека е инвестиција за иднината, рече вицепремиерот и министер за екологија, Изет Меџити, коментирајќи го ставот на премиерот Христијан Мицкоски дека не се согласува со идејата за формирање на паралелна албанска Академија за науките и уметностите.

Според Меџити, не е доволно тоа што во МАНУ има академици-Албанци.

-По многу дебата и барања, има тројца-четворица академици, но нема ниту еден вработен во МАНУ… ни кафекувар нема. Не може некој да ме убеди дека нема Албанци кои што може да работат во МАНУ, истакна вицепремиерот.

Меџити одговараше на новинарски прашања и околу измените на балансерот.

-Го повикувам Минчев и другите министри да се посветат на фокусите на Владата што заедно ги зацртавме. Во спротивно на такви провокации, ќе следат одговори, изјави Меџити откако од Министерството за јавна администрација беше објавено дека отсега во пресметките на годишните планови за вработувања во јавниот сектор ќе биде вклучено само резидентното население во државата.

Сепак, Меџити смета дека нема проблеми во владината коалиција и оценува дека ова е најстабилната коалиција во историјата. Тврди дека има тенденција за зголемување на мнозинството над 80 пратеници.

-Различни партии сме и различни размислувања и повикувам да дебатираме во Владата, а не со изјави пред медиумите, кажа вицепремиерот.

Според пописот од 2021 година, Македонци од 54,21 проценти сега се 58,44, а Албанци од 29,52 на 24,30%. Владата најави дека укинувањето на балансерот ќе се одвива во неколку фази.

Слични содржини