Меџити: Новиот клинички центар е голем капитален проект, ќе ни треба поширок консензус меѓу партиите и во општеството

од Nikola Popovski
301 прегледи

Министерот за здравство, Фатмир Меџити, одговарајќи на новинарско прашање за новиот клинички центар, изјави дека станува збор за голем, комплексен капитален проект за кој е потребен поширок консензус меѓу партиите и општеството.

Како што рече, проектот е презентиран пред заинтересирани страни и амбасади и дека има интерес.

– Новиот клинички центар е голем капитален проект, ќе ни треба поширок консензус меѓу партиите и во општеството. Во неколку наврати потврдив дека го имаме не само Клинички, туку и концептот на регионаните центри, но тоа нема да се случи утре. Тоа е покомплексен проект и треба повеќе страни да се консултираат, рече Меџити, додавајќи дека не сака да ветува дали камен темелникот на новиот клинички центар ќе биде ставен пред изборите.

Локацијата за новиот клинички центар, како што посочи, останува иста.

Нов клинички центар најавуваа сите власти во изминативе десетина години, партиите го ветуваа во изборните програми како клучен капитален објект, по што се распишуваа тендери и се склучуваа договори. Изградба на современ медицински центар ветуваа сите министри за здравство од 2010 година, почнувајќи од Бујар Османи, па Никола Тодоров, Арбен Таравари, Венко Филипче и Беким Сали, и според ветувањата одамна требаше да биде готов.

Слични содржини