Меџити: Османи има најмалку морално право да зборува за дивоградби

од Nikola Popovski
21 прегледи

„Добро е Бујар да спомне прво дека живее во дивоградба. Куќата каде што живее е изградена како дивоградба од негова страна, и е легализирана, па после за другото. Тој има најмалку морално право да зборува за тоа. Без разлика, и да е легализирана, си е дивоградба. Цело време беше министер со неколку функции, и има дивоградба легализирано“ – вака изјави денеска кандидатот за градоначалник на општина Чаир, Изет Меџити запрашан за став откако неговиот противкандидат од ДУИ за Чаир, Бујар Османи постојано ги обвинува дел од членовите на ВЛЕН за дивоградбите во оваа скопска општина.

Вицепремиерот смета дека дивоградбите нема да бидат голема тема во рамки на кампањата за локалните избори.

-Не не. Мислам тоа е надминато. Има мораториум за дивоградбите. Ако некој нема право морално да збори, тоа е човекот којшто живее во дивоградба, тоа е Бујар Османи, додаде Меџити.

Вицепремиерот неодамна информираше дека во Македонија има над 200.000 дивоградби во 80 општини.

Изминатиот период градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, постојано во јавноста презентира случаи со дивоградби во Општина Чаир. На 11 јули Арсовска беше физички нападната на улица „Кумбара“ во скопски Чаир, а случајот беше пријавен во полиција. Според тврдењето на градоначалничката, лицето кое ја нападнало е поврзано со еден од објектите кои се бесправно изградени. Случајот беше пријавен во полиција, при што во тек е судски процес.