Министерот за здравство д-р Фатмир Меџити денеска беше во посета на Универзитетската клиника за урологија по повод 500-та трансплантација на бубрег во јавното здравство.
„Денеска сме во посета на Клиниката за урологија по повод одбележување петстота трансплантација на бубрег во јавното здравство.
Во декември успешно се изведе јубилејната трансплантација на бубрег кај 25-годишна пациентка која била во тешка состојба. Особено ми е драго што по оперативниот зафат и постоперативниот тек, денеска таа е во добра здравствена состојба и полека се враќа на секојдневните животни активности.
Упатувам огромни честитки до директорите на клиниката, до националниот координатор за трансплантација и целиот стручен тим за одличните резултати што ги постигнуваат сите овие изминати години.
Органодарителството претставува едно од најголемите достигнувања во медицината. Органодарителството спасува животи и горд сум што свесноста и важноста сè повеќе се зголемува. Продолжуваме да водиме вистинска грижа за пациентите и за здравствените работници“, изјави министерот Меџити.