Вицепремиерот Изет Меџити ги коментираше последните случувања во рамките на Алијансата за Албанците, нагласувајќи дека во партијата се води силна дебата и дека мнозинството од структурите не се согласуваат со одлуката на лидерот Арбен Таравари да ја напушти Владата и повторно да ѝ се приближи на ДУИ и Европскиот фронт.
„Во рамките на Алијансата на Таравари има жестока дебата, каде што огромното мнозинство не се согласува со својот лидер за да се вратат во канџите на ДУИ и Европскиот фронт, туку ќе останат во Владата“, изјави Меџити во интервју за централниот дневник на Алсат М.
Тој ја оцени одлуката на Таравари како „необјаснива” и „нетранспарентна”, алудирајќи дека можеби е донесена под притисок или уцена и дека не го претставува вистинскиот став на членството на Алијансата за Албанците.
Во својата изјава, Меџити го спомена и заменик-премиерот за добро владеење, Арбен Фетаи, за кого рече дека му е потребен на Владата и изрази надеж дека ќе остане на својата функција.
„Покажа транспарентност и капацитет за да управува соодветно“, додаде Меџити.
Таравари го напушта кормилото во Министерството за здравство. Тој ја достави оставката до премиерот Мицкоски. Позициите на Алијанса ќе ги задржи ВЛЕН од каде очекуваат, неколку пратеници на Таравари да останат во мнозинството. Засега, остануваат на 9 пратеници.