Меџити повторно истакна албанско знаме во Владата, од ЗНАМ очекуваат институциите да преземат мерки околу кршењето на законите

од Nikola Popovski
593 прегледи

Покрај двете министерски места, движењето ЗНАМ во Владата ќе учествува и со две заменик-министерски места во Министерството за дигитална трансормација и во Министерството за енергетика и рударство. Оттаму партијата вчера како кандидати ги предложила Мирослав Лабудовиќ и Радослав Настасиевиќ-Варџиски.

ЗНАМ информира и дека во последниот период има значителен интерес за пристапување во движењето, кои, како што велат, се разочарани од раководството на СДСМ, речиси во сите македонски градови.

-Ги охрабруваме граѓаните по слободна волја, да пристапат во канцелариите на ЗНАМ, рече портпаролот на партијата, Никола Мемов.

Мемов беше запрашан од новинарите што мислат од ЗНАМ за вчерашниот потег на првиот вицепремиер Изет Меџити, кој повторно истакнал албанско знаме во просториите на Владата, овојпат на средба со студенти.

-Движењето ЗНАМ во разговорите со ВМРО-ДПМНЕ за наше учество во Владата ги дефинираше основните принципи и начела за функционирање на Владата, како почитување на Уставот и законите какко основен приоритет. Очекуваме институциите на системот да си ја вршат својата работа и преземат соодветни мерки околу кршењето на законите, без разлика од која страна доаѓаат. ЗНАМ е дел од владината коалиција и ќе имаме улога на коректор на Владата. Работите никогаш повеќе да не бидат исти како досега, кажа портпаролот на партијата на прес-конференција.

Претходно претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски се закани со излегување на неговата партија од Владата доколку повторно министрите од коалицискиот партнер ВЛЕН истакнат албанско знаме во владините простории.

-Ова е само тој ДУИ-наратив кој што продолжува во континуитет. Ако продолжи таквиот однос и непочитување нема да бидеме дел од Владата и ќе излеземе, рече Димитриевски. Лидерот на ЗНАМ беше дециден дека „нема дозволи да се случува вакво нешто со што се покажува елементарно непочитување на државата и македонскиот народ“.

Пред десетина дена, на координацијата на министрите од редовите на ВЛЕН, покрај македонското знаме и знамето на ЕУ, стоеше и албанското знаме.

Во Законот за знамињата на заедниците, нема конкретни одредби за употреба на туѓо државно знаме во владини институции. Единствено регулирана е нивната употреба во локална самоуправа доколку во истата живеат најмалку 50 проценти од таа заедница.

Слични содржини