Меџити пред првиот меѓувладин состанок со Владата на Косово: Албанскиот јазик се унапредува, не се загрозува

од Илинка Илиоска
297 прегледи

Два дена пред меѓувладината средба помеѓу Македонија и Косово, што ќе се одржи во Приштина, првиот вицепремиер Изет Меџити, во интервју за РТК, ги претстави трите главни теми на разговор: унапредување на граничниот систем “One Stop Shop” на премините Блаце и Јажинце, соработка во енергетиката и реализација на проектот за патот Тетово-Призрен.

„Првата точка ќе биде регулацијата на системот на границите во Блаце и Јажинце, со најновиот `One Stop Shop` систем кој значително ќе го олесни протокот на луѓе и стоки. Тој систем е идентичен со оној што веќе функционира помеѓу Косово и Албанија,“ изјави Меџити.

Втората точка од агендата се однесува на енергетската соработка.

„Оваа соработка има за цел меѓусебна поддршка на земјите кога има потреба од енергетски ресурси,“ објасни тој.

Третата тема ќе биде изградбата на патот Тетово-Призрен, за што ќе се формираат нови работни групи. Меџити ја искористи можноста да се осврне и на евроинтеграциите, критикувајќи ја опозицијата за забавувањето на процесот.

„Земјата го загуби чекорот кон ЕУ поради осумгодишното погрешно владеење на оние кои денес се во опозиција,“ истакна тој.

Меџити го критикуваше лидерот на албанската опозиција Али Ахмети за проблемите околу албанскиот јазик и застапеноста.

„Албанскиот јазик не е загрозен, туку унапреден. Сега работиме на посебен закон за соодветна застапеност на Албанците во администрацијата,“ нагласи Меџити.

Тој исто така ја потенцираше важноста на проектите реализирани од коалицијата ВЛЕН во првите 100 дена од Владата.

„Издвоивме половина милијарда евра за општински проекти, од кои 30% се за општини со албанско мнозинство. Нашата борба против корупцијата е бескомпромисна, што го покажува и намалувањето на бројот на казината,“ рече Меџити.

 

Слични содржини