Еден од лидерите на ВЛЕН и градоначалник на Општина Чаир Изет Меџити синоќа во интервју порачал дека промените во Косово имале свој ефект врз промените во албанскиот политички кампус во Македонија. Според него, јасно е дека Самоопределување е дел од ВЛЕН.
„Ако се вратиме ретроспективно, постоеше коалицијата ЛЕН, потоа ВЛЕН, Беким Ќоку е претседател на пратеничката група на ВЛЕН, тој е составен дел од ВЛЕН, исто така во тесното раководство и се очекува да биде на позицијата потпретседател“, кажал Меџити.
За вестите на Тв Алсат-М, Меџити изјавил дека владејачката коалиција се согласила за моделот со копретседатели, со цел подобро да ја организира својата структура како политичка партија.
„По многу дебати и аргументи, за и против, се согласивме дека најсоодветниот модел за ВЛЕН е да има копретседатели, заедно со Биљал Касами“, рекол Меџити.
Тој додал дека се согласиле за идеологијата на ВЛЕН, која ќе биде повеќе централно-десничарска.
„Избраниот модел на лидерство е иновација. Карактеристика на ВЛЕН е дијалогот, а не автократските одлуки. Иако е модел на копретседатели, одлуките во рамките на раководството ќе се носат со консензус; ако има дилема, ќе се одлучува со апсолутно мнозинство, а не со просто мнозинство. Сето ова е во функција на демократизација на политичката сцена“, потенцирал чаирскиот градоначалник.