Министерот за здравство Фатмир Меџити денеска информираше дека се чека комплетниот извештај за случајот со возилото на Брза помош, што застанало на бензинска пумпа, додека пренесувало пациент од Струга.
„Инспектори на Државниот здравствен и санитарен инспекторат вчера биле на лице место, сѐ уште го немаме комплетниот извештај. Бевме во комуникација со директорот на Здравствениот дом, го чекаме извештајот и ќе го споделиме со сите медиуми“, одговори Меџити на новинарско прашање за најавениот вонреден инспекциски надзор за овој случај.
Претходно, на брифинг со новинари, прашан за овој случај, зошто возило на Брза помош застанало на кафе пауза додека пациент со кислородна маска бил во возилото, министерот изјави дека ќе ја провери информацијата и доколку е точна, ќе следуваат најригорозни казни за сторителите.