Првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити денеска информираше дека ќе се преземе се што е потребно за санирање на еколошките штети по пожарот во Трубарево. Тој посочи дека се чека да се создадат услови за да се делува, потенцирајќи дека ќе се направат сите неопходни анализи на водата и почвата врз основа на кои ќе се преземат и соодветни мерки.
Меџити одговорајќи на новинарски прашања по прмотивниот настан на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за скопски градоначалник, напомена дека Владата институционално делуваше и за кратко време успеа да се справи со огнот, со катастрофата.
Како што рече, луѓето кои беа блиску беа евакуирани, пожарникарите делуваа херојски и за еден ден се затвори овој проблем.
-Нормално, каде што има оган од такви размери има и загадување, затоа Министерството ги ангажираше и акредитираната лабораторија и приватни лаборатории. Има анализи и јавноста е транспарентно известена за состојбата. Ќе направиме се што е потребно за санирање на штетите. Чекаме да се создадат услови. Ќе има анализи на почвата, водата и на се што треба, па врз основа на тоа ќе се преземат соодветни мерки, истакна Меџити.
Пожарот во Трубарево избувна на 13 септември, при што се запали објект со непрописно складиран отпад.