Меџити: Секогаш кога сум се кандидирал за градоначалник, сум излегувал како победник

од Nikola Popovski
23 прегледи

Вицепремиерот и министер за животна средина, Изет Меџити, во интервју за „Еуроњуз Албанија“ потврдил дека ќе биде кандидат за градоначалник на Општина Чаир од коалицијата ВЛЕН.

Тој истакнал дека секој пат кога се кандидирал во Чаир, излегувал како победник и дека истото го очекува и на овие избори.

„Да, ќе се кандидирам, ќе бидам кандидат за градоначалник на Општина Чаир. Јас сум првиот градоначалник на Чаир кој бил на функцијата 13 години. Јас сум прв вицепремиер речиси една година, но проценките и анализите на коалицијата ВЛЕН нè доведоа до заклучок дека треба повторно да се кандидирам за Општина Чаир“, рекол Меџити.

Тој додал дека трката ќе биде отворена, но е убеден дека коалицијата ВЛЕН ќе победи.

„Трка си е трка. Не сакам да бидам премногу сигурен, но секој пат кога сум се кандидирал за Чаир сум излегувал како победник, а овој пат победник ќе биде ВЛЕН“, посочил Меџити.

Членот на ВЛЕН на локалните избори ќе се соочи со Бујар Османи од ДУИ, кој пред неколку дена исто така ја потврди својата кандидатура за градоначалник на оваа општина.

„Локално“ денеска пишуваше на темата за битката за Чаир. Се остава впечаток во јавноста дека трката во скопската општина ќе одлучи кој го има легимититетот кај граѓаните од албанската заедница и во албанскиот политички блок.

„Тешка артилерија“ во Чаир: За Меџити и Османи ќе се гласа како на „политички референдум“