Законот за употреба на јазиците не може да се укине, тврди првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити.
Во емисијата „Клик Плус“, тој порача дека дека законот треба да се унапреди бидејќи и тогаш не е целосен, алудирајќи на терминот 20% за албанскиот јазик. Тој споменува три члена од законот, кои се однесуваат на униформите на полицијата и Армијата, банкнотите и судските постапки.
„Доколку условно се бришат овие три члена, ќе видиме една политичка состојба за да дебатираме за закон кој ќе го унапредува албанскиот јазик, но ќе биде и во согласност со Уставот, со цел да не оставиме простор во иднина некој да го толкува како што сака. Но сакам да заокружам дека не се загрозува албанскиот јазик како службен. Тој е дел од правниот систем. Значи како што останал. Во Влада се користи, во Парламент се користи, во институциите се користи“, вели Изет Меџити.
За предлог-законот за бранители вели дека истиот ќе остане блокиран и пратениците на ВЛЕН нема да гласаат. Запрашан дали ќе поднесат оставки, ако помине законот, Меџити одговара дека не се согласуваат со предлагачот на законот Славјанка Петровска од СДСМ.
Во однос на законот за бранители, Меџити е изненаден од СДСМ како одеднаш од демократска партија се претвори во националистичка партија.
Во тензична и бурна атмосфера македонското Собрание во 2018 година го донесе Законот за јазици. Законот предизвика многу реакции во и надвор од парламентот. Со законот се предвидува во сите органи на државната власт, како централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии и правни лица што вршат јавни овластувања, службен јазик освен македонскиот јазик и неговото писмо, да биде и албанскиот јазик.