Министерот за здравство Фатмир Меџити попладнево во Собранието пред членовите на Анкетната комисија за утврдување одговорност за случајот со издавањето терапија на ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија – Скопје порача ако има политичка одговорност да се утврди чија е. Смета дека пратениците имаат должност ако има системски пропусти, кои не се надминати, да ги предочат и да се изнајде решение.
Тој упати порака до истражните органи. – Верувам дека кривично-правната постапка за овој многу сензитивен случај ќе има брза, правична и праведна разрешница. Виновниците мора да се знаат со име и презиме. Единствено така ќе може да ја вртиме довербата на пациентите во здравствениот систем и да ги заштитиме професионалните здравствени работници од генерални обвинувања и понижувања, нагласи министерот за здравство.
Меџити посочи дека ова не е првпат да почне истрага на Онкологија. – Од претходните излагања на сведоци пред Анкетна комисија, од тоа што го објавија медиумите, дознаваме дека истраги на Онкологија имало и во 2012 година. Се води судски спор и за случај од 2019 година. Во два наврати полицијата интервенирала за кражба на терапија од медицинска сестра на која менаџментот на клиниката во мој мандат и даде отказ од работа, изјави Меџити.
Според него, многу е важно да не се одолговлекува целиот процес и важно е час поскоро да се дознае дали и кој, како што рече, си поигрувал со животите на пациентите. Единствено така, како што рече, ќе ја отфрлиме т.н. колективна вина која сега се наведнува не само над Клиниката за радиотерапија и онкологија – Скопје, туку и на целиот здравствен систем.