Има моменти низ историјата кога еден единствен повик му говори за целиот свет. Денес, нашиот заеднички свечен повик од ова место е: ИНТЕГРАЦИЈА СЕГА! Ова го истакна првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити, во говорот по повод официјалното пуштање во употреба на системот „One Stop Shop” за заедничка контрола на патници и стоки со едно застанување на граничниот премин „Блаце”, каде присуствуваа и премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски и премиерот на Косово, Албин Курти.
Тој понатаму истакна дека на Блаце, таму каде што пред 26 години човештвото и неговите определби – за слободата, за единството, за иднината беа ставени на тест , денес симболично започнуваме една нова историја- историја на соработка за развој и напредок.
-Денес, со инаугурацијата на таканаречениот систем ‘One stop shop’ за управување со границите, ние одбележуваме важен момент за слободата на движење на луѓе и стоки како основен постулат на Европската Унија. Во овој дух, ние всушност го правиме следниот чекор кон реализација на концептот „Европа без граници”. И оваа максима важи не само за физичките граници кои ги делат балканските земји, туку и за менталните граници кои ја делат соработката од предрасудите, соседството од стравот, развојот од изолацијата, рече Меџити.
Тој понатаму истакна де интеграцијата не е само политички процес. Тоа е нашата визија за иднина без меѓусебни ѕидови, без граници кои делат, туку со мостови кои поврзуваат.
-За Балкан на мирот, на развојот, на правдата. За Европа која ги држи своите ветувања и не застанува пред прагот на нашата врата. Ова е време да покажеме лидерство, а не виктимизација. Соработка, а не поделба. Визија, а не носталгија за минатото. Бидејќи: Балканот е Европа! Балканот заслужува да биде дел од ЕУ не како товар, туку како додадена вредност! Да го направиме тоа реалност: интегриран Балкан во интегрирана Европа! Добрососедството не е слоган – тоа е клучот за мирот и за нашата иднина. Честитки за заедничкото менаџирање на границата Северна Македонија-Косово и со среќа!, рече во неговото обраќање првиот вицепремиер Меџити.