Меџити: Војната на УЧК во Косово и Македонија беше праведна и разумна

од Nikola Popovski
352 прегледи

Вицепремиерот и кандидат за градоначалник на општина Чаир, Изет Меџити, изразил целосна поддршка за вчерашниот протест во Приштина под името „Правда за ослободителите“, организиран од страна на Здружението на воени ветерани на паравоените УЧК и ОВК.

Во јавна објава, Меџити нагласи дека не сака да ја користи оваа голема кауза за изборни цели, бидејќи според него, борбата за слобода и правда е многу поважна од какво било политичко натпреварување.

„Мојот став беше и останува непоколеблив: Војната на УЧК во Косово, во Прешево и во Македонија беше праведна, разумна и чиста“, истакнал членот на коалицијата ВЛЕН.

Тој оценил дека Косово денес е суверена и функционална држава во секој агол од својата територија, нагласувајќи дека „паралелните структури на северот од Косово се елиминирани, додека институциите на Република Косово се консолидирани“.

Меџити, исто така, ги критикувал политиките на иницијативата „Отворен Балкан“ и политичката класа која, според него, направила компромис со територијата, богатството и правдата. Тој оценил дека денес Косово го водат лидери кои не се пазарат со државните и националните интереси.

„Косово има Бог што го води! Слободата има име! Слобода за ослободителите!“ – вака Меџити ја завршил својата објава.

За потсетување, протестот во Приштина се одржал „против неправдата“ што наводно ја извршил Специјализираниот совет на Косово во Хаг против поранешните водачи на ОВК и УЧК кои се обвинети за воени злосторства и злосторства против човештвото. Еден од говорниците на протестот бил и лидерот на ДУИ, Али Ахмети.