Меџити за Самитот на НАТО: Двете делегации предводени од Гаши и Мицкоски имаат одвоени агенди, ДУИ да се навикне на новата реалност

од Nikola Popovski
119 прегледи

Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити денеска појасни дека заминувањето на двете делегации од земјава на Самитот на НАТО во Вашингтон предводени од претседателот на Собранието Африм Гаши и премиерот Христијан Мицкоски е затоа што и двајцата имаат сопствени агенди на овој настан.

Тој зборуваше и за обвинувањата на ДУИ за овој настан, притоа изјавувајќи дека „не можат да се прилагодат на новата реалност да бидат во опозиција“.

„Ги повикувам да бидат конструктивна опозиција и прво да се посветат на реформите во себе доколку сакаат во иднина да бидат сериозен чинител во политичката клима во Македонија. Тоа што премиерот и претседателот на Собранието, кои и двајцата се клучни политички фигури, пред се ја претставуваат Северна Македонија на настанот на НАТО, секако никој не очекува да се држат за рака и да одат таму. Така и двајцата имаат свои агенди, таму се заедно, мислам дека вечерва ќе имаат заеднички настан и заедничка вечера“, вели Меџити на прашањето за реакциите во земјава, зошто две различни делегации отпатувале во Вашингтон и зошто во нив немало претставници од коалицијата ВЛЕН.

Меџити ја даде изјавата по средбата што заедно со министерот за социјална политика Фатмир Лимани, градоначалникот на општина Чаири, Висар Ганиу и пратеникот Беким Сали, ја имаа со претставници на Здружението на пензионери од Чаир.

Опозициската ДУИ викендов изрази загриженост што земјата за прв пат ја претставува, како што велат, моноетничка делегација на Самитот на НАТО во Вашингтон.

Премиерот Христијан Мицкоски заедно со делегација од Владата во состав министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски се во официјална посета на САД, каде што ќе бидат дел од Самитот на НАТО.

На Парламентарниот самит на НАТО во Вашингтон учествува и претседателот на Собранието Африм Гаши, соопшти собраниската прес-служба.

Слични содржини