Вицепремиерот и еден од тројцата лидери на ВЛЕН, Изет Меџити денеска повторно говореше за заминувањето на неговиот довчерашен сопартиец Арбен Таравари од Владата. Тој порача дека „играта штотуку започнала и дека нема да заврши со заминувањето на Таравари“, алудирајќи дека ќе има придвижувања и поместувања од страна на пратениците од коалицијата Европски фронт, предводена од ДУИ.
„Владата е стабилна, ние работиме на решавање на проблемите на граѓаните и се грижиме за нив, додека другите се грижат за Али Ахмети. Но, сите ќе бидат повикани на одговорност. Наш приоритет се нашите граѓани и нашите гласачи“, порачал Меџити од Тетово каде што присуствувал на проширување и реконструкција на примарната мрежа за водоснабдување во населбата Вонвардарска.
„ДУИ првично го држеше своето членство со лаги дека ќе се вратат за еден месец, два месеци, сега следната лага е дека наскоро ќе се вратат. Што се однесува до пратениците, мислам дека играта не е завршена туку штотуку е започната. Ако мислеа дека со заминувањето на г-динот Таравари играта е завршена, тогаш ќе видиме во иднина дека оваа игра ќе продолжи и ќе се игра на теренот на Европскиот фронт“, кажа Меџити во изјава за медиумите.
По заминувањето на Таравари од Владата, во последните денови се зголемија обвинувањата меѓу него и другите лидери на ВЛЕН, Меџити, Биљал Касами и Зекирија Ибраими.
Се уште е нејасно дали сите пратеници и функционери кои доаѓаа од крилото на АА предводено од Таравари, ќе продолжат по неговиот пат и ќе бидат меѓу опозицијата или ќе продолжат со поддршката за владеачката ВЛЕН.