Многу ми е жал за случајот со Клиниката за онкологија. Ние сме во секојдневна комуникација и со полицијата и со обвинителството. Нормално апелираме до обвинителството овој случај што побрзо да се разреши до крај како никогаш досега, изјавил министерот за здравство, Фатмир Меџити околу скандалот и случувањата на Клиниката за онкологија.
Меџити информираше дека од ноември 2022 година кога е разрешен директорот, дојдена е друга медицинска директорка, која со неколку други методи од јануари годинава почнала да го развива начинот на земање терапија и како се дава на пациентите.
-Клиниката има 2 оддели кои имаат свои управувачи. Секоја среда, сите се собираат и одлучуваат точно за дијагнозата, терапијата и дозата што треба да се аплицира кај пациентите. И јас претходната недела учествував на колегиумот каде фактички тие одлучуваат за терапијата и увидов дека потранспарентно и поодговорно од ова не може да биде. Исто така по овој состанок комуницирав и со пациентите по ходниците, јас сум 23 години лекар, сум хуманист и сум го дал заветот на Хипократ и не се плашам да зборувам со пациентите, затоа што тие се мои блиски и на сите мои колеги и ве уверувам дека тие имаа многу добри мислења за своите лекари кои ги водат, посочил Меџити во вестите на Алсат ТВ.
Тој нагласи дека терапијата што се прима на Клиниката за онкологија ги исполнува сите услови.
Сакам да потенцирам за крај дека терапијата што се прима на онкологија е квалитетна и ги исполнува сите услови, јас ви гарантирам дека нема пациент кој не зема терапија која е препишана од експертите. Апелирам да не се злоупотребува случајот за дневна политика. Ве молам се работи за човечки животи. Ако му кажеш на пациент дека не е сигурен во болница, тој ќе го земе во свои раце своето здравје и тоа ќе го оштети здравјето на пациентите, рекол министерот.
Основното јавно обвинителство на 2 септември отвори предистражната постапка по објавите на медиуми дека имунолошката терапија од цитостатиците, од која зависи животот на пациентите болни од рак, постојано доцни, но и дека во неколку наврати вработени на клиниката биле фатени како ја крадат и ја препродаваат неопходната и скапа терапија.
Од Јавното обвинителство повикуваат сите што имаат сознанија во врска со овој предмет, да ги пријават на надлежните органи.
Обвинителството соопшти дека од претходно веќе води три постапки за изолирани случаи на обид за кражби на лекови и поткуп поврзани со Клиниката за онкологија, од кои едниот е веќе во судска постапка.