Рускиот тенисер Данил Медведев синоќа изјави дека сака да промовира мир во целиот свет и дека не му било лесно да игра меч истиот ден кога неговата земја започнала воена акција против Украина.
Поразот на Новак Ѓоковиќ на турнирот во Дубаи значеше дека српскиот тенисер ќе падне на второто место, а Медведев го зазеде првото место на АТП листата уште пред да се пласира во полуфиналето на турнирот во Акапулко, но тоа не беше главната вест.
Тој напомена дека минатата недела во Марсеј титулата во двојки ја освоија еден Русин и еден Украинец – Андреј Рубљев и Денис Молчанов.
„Ова е неверојатно, луѓето треба да останат обединети“, рече Медведев.
„Во вакви моменти сфаќате дека тенисот понекогаш не е толку важен. Не беше лесно да се игра и среќен сум што успеав да го победам мечот, но ова беше тежок ден за мене“, додаде тој.
Медведев во полуфиналето на турнирот во Акапулко ќе игра против Шпанецот Рафаел Надал, кој зборуваше и за нападот на Русија на Украина по победата над Американецот Томи Пол.
„Не сакам да зборувам кој е виновен, но ми е неверојатно дека во моментов има војни. Не можам да го разберам тоа и сакам веднаш да заврши. Тоа е поразителна и неразбирлива вест“, изјави Надал.