Медведев: Рано е за пензија, сакам повеќе пари

од Vladimir Zorba
18 прегледи

Даниил Медведев нема освоено титула од мај 2023 година во Рим, нема играно финале од Индијан Велс пред 11 месеци, а минатиот месец загуби во второто коло на Австралија Опен, од 121. во светот… Има многу негативни знаци во кариерата на 28-годишниот играч, но вели дека нема намера да ја промени својата професија.

– Воопшто не размислувам за пензионирање – го пренесува „Sportkid“ неговиот демант од Ротердам за гласините дека се двоуми дали да го „закачи рекетот“. „Го сакам тенисот, сакам да заработам повеќе пари, па дефинитивно ќе играм повеќе. Можеби ќе се пензионирам ако испаднам од топ 100 во светот, но тоа веројатно нема да се случи. Прилично сум уверен дека можам повторно да играм како порано“.

Медведев во кариерата заработи нешто повеќе од 45 милиони долари и се наоѓа на шестото место на рангирањето на сите времиња. Пред него се Новак Ѓоковиќ со 186 милиони, Рафаел Надал 134, Роџер Федерер 130, Енди Мареј 64 и Александар Зверев 51.

Медведев полека се лизга надолу на АТП листата, сега е седми, но оваа недела Алекс де Минор би можел да го престигне. Испаѓањето од првите десет не е невозможно во наредните недели, особено ако не одбрани многу поени во Дубаи и Индијан Велс.

– Условите за игра овде не ми беа соодветни – истакна по елиминацијата во Ротердам. „Тие се премногу бавни за мене да ја диктирам играта. Бавни топки, бавни терени, но тоа не е ништо ново. Едноставно немам доволно сила да играм како што сакам во таква ситуација“.

Веднаш по неговата прерана елиминација од АТП 500 турнирот, Русинот наредната недела во Марсеј побара „вајлд-карта“ за серијата 250. Таму засега е единствениот учесник од првите десет, ќе биде прв носител и ќе добие добра шанса да почне да си ја враќа самодовербата.

Тој ќе има можност да прекине и една бизарна традиција во кариерата. Медведев има освоено 20 титули, но никогаш истата двапати. Тој во 2021 година славеше во Марсеј, а овогодинешниот состав не е силен, па ќе има реални шанси да го промени тоа.

Слични содржини