По денешниот терористички напад не остана ништо друго освен физичка елиминација на Зеленски и неговата клика, напиша на својот Телеграм заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија Дмитриј Медведев.
„Не е потребен ниту да го потпише актот на безусловна капитулација“, додаде Медведев, коментирајќи го синоќешниот наводен напад со беспилотни летала врз Кремљ.
– Ниту Хитлер не го потпиша, како што е познато. Секогаш ќе има замена – заклучи Медведев.
Претходно прес-службата на Кремљ соопшти дека во текот на ноќта Киев се обидел со беспилотни летала да изврши напад врз резиденцијата на рускиот претседател Владимир Путин во Кремљ. Два од нив биле онеспособени. Во нападот нема жртви или материјална штета.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, подоцна изјави дека претседателот во тоа време не бил во Кремљ.
Од друга страна, Киев негираше дека нападот дошол од нив.