Ако Западот ѝ даде на Украина нуклеарно оружје, Русија ќе мора да изврши превентивен напад, изјави Димитриј Медведев, заменик-претседател на Советот за безбедност на Руската Федерација.
Зборувајќи за новинарите за време на посетата на Виетнам, Медведев не исклучи дека во сегашната ситуација „ќе му дадат на режимот на Киев доволно авиони“, а згора на тоа, може да му обезбедат и нуклеарно оружје.
„Тоа значи дека ракета со нуклеарен полнеж ќе стигне до нив. Постојат неповратни закони на војна. Ако се работи за нуклеарно оружје, ќе биде неопходно да се изврши превентивен напад“, рече тој, пренесува РИА Новости.
Според него, Англосаксонците не се целосно свесни за тоа и веруваат дека тоа нема да се случи.
Медведев оцени и дека Европа „полудела“, дека постојано ја разгорува ситуацијата со своите одлуки, додека САД тргнуваат од прагматични интереси и се обидуваат да го „уништат вековниот непријател“.
„Европа полуде. САД како целина дејствуваат во согласност со своите прагматични интереси. Тие самите не се борат, туку заработуваат пари. Се обидуваат да го уништат вековниот непријател. Што се однесува до Европа, тие постојано ја вжештуваат и разгоруваат ситуацијата со своите одлуки“, изјави тој во интервју за новинарите при посетата на Виетнам, пренесува „Танјуг“.
На новинарско прашање за преферираните кандидати на претстојните претседателски избори во САД во 2024 година, Медведев рече дека единственото нешто што е важно за Москва е Американците да не избираат претседател кој боледува од деменција.
„Единствено важно е да не се избере момче со деменција. Иако тоа е можно“, додаде тој.
Медведев, исто така, рече дека пристојниот човек во тешки времиња мора да живее во својата земја и да ги почитува условите во кои се наоѓа земјата во моментов.
Претходно ги нарече предавници Русите кои ја напуштија земјата и порача дека треба да се сметаат за непријатели на општеството и државата.