Медведев за свирежите на публиката во Мелбурн: Секоја добра врска мора да има подеми и падови …

од Vladimir Zorba
292 прегледи

Рускиот тенисер Данил Медведев се пласираше во осминафиналето на Австралија опен во Мелбурн, откако го совлада Холанѓанецот Ботик ван де Зандшулп со 6:4, 6:4, 6:2.

Шампионот на УС Опен по победата над Ник Кирјос во претходното коло се соочи со свирежите на домашната публика, но такви проблеми немаше на „Маргарет Корт Арената“ кога помина во четвртото коло на Австралија опен за четврта година по ред.

„Ќе кажам вака – полесно е да се игра против момче од Холандија отколку против момче од Австралија во Мелбурн, Австралија“, изјави вториот тенисер во светот пред да и понуди на публиката неколку совети за добра врска.

„Секоја добра врска мора да има подеми и падови. Се надевам дека ќе има повеќе добри отколку лоши времиња, во спротивно нема да успее“, рече Медведев.

Минатогодишниот финалист во осминафиналето ќе игра против 70. тенисер во светот, Американецот Максим Креси, кој беше подобар од Австралиецот Крис О’Конел со 6:2, 6:7, 6:3, 6:2.