Мега паркот во Чаир кој ќе се протега на просторот на ул.Македонско Косовска Бригада од крстосницата со Втора Македонска бригада до крстосницата со Џон Кенеди на површина од 30.000 метри квадратни, ќе има 500 нови дрвја и садници, нова хидрантска мрежа и тревник, 2 нови спортски игралишта, 2 нови детски игралишта, 2 паркови површини за миленици, соопштуваат од Град Скопје.
Дополнително, додаваат оттаму, предвидено е изведба на фитнес дел, 26 нови летниковци, нови урбана опрема, пешачки патеки и фонтани, со што паркот ќе биде место кое ќе придонесе за подобар квалитет на животот, животната средина и ќе биде катче во кое жителите ќе имаат содржини за прошетка и рекреација во слободното време.
„Посветено работиме, постепено го исполнуваме ветувањето за 5 нови мега паркови, површини и дополнителни содржини, како една од бројните мерки кои меѓусебно се надополнуваат, Скопје да го решава долгорочно предизвикот со загадувањето. Со новите паркови кои се предвидени и во Гази Баба, Аеродром, Кисела Вода и мега паркот кој е во завршна фаза во Ѓорче Петров, активно работиме на реализација на ветеното за 5 мега паркови и нови зелени површини и садници“, наведуваат од Град Скопје.