Во Германија на полноќ започна т.н мега штрајк. Речиси целиот јавен превоз е парализиран и тоа би требало да трае до полноќ.
Речиси целиот јавен превоз е главно во застој поради предупредувачкиот штрајк на синдикатите Верди и ЕВГ. Зафатени се меѓуградскиот и регионалниот железнички превоз, како и локалниот јавен превоз во неколку германски сојузни покраини и речиси сите аеродроми, пишува магазинот „Феникс“.
Целодневниот штрајк започна на полноќ ноќта меѓу 26 и 27 март, а завршува на полноќ, соопштија двата синдикати. Германскиот синдикат на јавниот сектор Верди и синдикатот за железници и транспорт ЕВГ спроведуваат мега штрајк во кој учествуваат 120.000 вработени низ целата земја преку Верди и уште 230.000 вработени заштитени од синдикатот ЕВГ.
Кои области се засегнати?
Јавниот превоз беше масовно запрен, некои автопати беа затворени. Германската железница (Deutsche Bahn) го запре целиот меѓуградски сообраќај.
„Речиси нема да има железнички сообраќај“, вели директорот за човечки ресурси на Германските железници Мартин Зајлер. Последиците се уште ќе се чувствуваат во вторник.
Во седум германски сојузни покраини, речиси ништо не би требало да се движи во локалниот транспорт: во Хесен, Баден-Витмберг, Рајнланд-Пфалц, Баварија, Саксонија, Долна Саксонија и Северна Рајна-Вестфалија.
Германските аеродроми започнаа масовен штрајк. Според податоците на аеродромското здружение АДВ, околу 380.000 деловни и приватни патници не можат да полетаат, а запрен е и патничкиот сообраќај на најголемиот аеродром – во Франкфурт. На аеродромот во Минхен во неделата немаше редовни летови.
Последиците од предупредувачкиот штрајк ќе се почувствуваат на повеќе места и во вторник. Во сообраќајот на долги релации на Германските железници, на пример, ќе биде потребно извесно време пред да се вратат во функција возовите ICE и IC.
Германските железници соопштија дека укинување на возовите се уште може да се очекува во вторник, особено во текот на денот.
Експертите не очекуваат националниот штрајк да предизвика голема економска штета.
Зошто се одлучија на мега штрајк?
Од гледна точка на синдикатот, работодавачите покажуваат премал напредок во неколку круга на колективно договарање.
За 2,5 милиони федерални и локални вработени во Верди и Здружението за државни служби, синдикатите бараат 10,5 отсто поголема плата, но најмалку 500 евра повеќе месечно. Во меѓувреме, ЕВГ се бори со неколку компании за повеќе пари, особено за Deutsche Bahn.