Неколку часа пред да биде објавена веста дека кралицата Елизабета Втора почина на 97-годишна возраст, британските медиуми од минута во минута известуваа за пристигнувањето на членовите на кралското семејство во замокот Балморал во Шкотска. Претставник на војводата и војвотката од Сасекс тогаш најави дека парот заедно ќе ја посети кралицата, но во последен момент беше објавено дека Меган Маркл нема да биде со нив.
Британската новинска агенција PA (Press Association) објави дека дошло до „промена на планот“, без да прецизира зошто војвотката нема да биде со сопругот, а дека војвотката од Кембриџ, сопруга на принцот Вилијам, ќе остане во Виндзор за да ги дочека децата – Џорџ, Шарлот и Луис од училиште.
Сепак, Николас Вичел, кралскиот дописник на Би-Би-Си, беше подиректен во објаснувањето зошто Меган Маркл не дојде во Балморал.
„Да бидам искрен, немаше да биде особено топло добредојдена“, рече тој во програмата во живо, која за прв пат отворено укажа на заладените односи кои владеат со месеци меѓу членовите на најтесното кралско семејство.
Пред актерката Меган Маркл да стане војвотката од Сасекс, нејзиниот иден сопруг принцот Хари ја донесе во Бакингемската палата во октомври 2017 година за да се сретне со неговата баба, кралицата Елизабета.
Маркл тогаш имала можност „накратко, но слатко“ да биде сама во друштво на најдолговечната британска кралица и да ја запознае со шолја англиски чај.
Војвотката, која и самата е голем љубител на животни, наводно и се допаднала на коргите на кралицата и била воодушевена од кралицата. „Таа е неверојатна жена“, рече таа во заедничкото интервју на Би-Би-Си со Хари во ноември 2017 година, пред нивната свршувачка.
Се чинеше дека во кралското семејство владее целосна хармонија и неговите членови често беа фотографирани во заеднички активности, на спортски настани и гламурозни приеми, а Маркл еднаш го сподели своето искуство од патувањето со кралицата во Чешир, Англија.
„Бевме во автомобилот помеѓу два состаноци и таа имаше ќебе над колената. Беше студено и ми рече: „Ајде Меган“ и ми ги покри колената. Ме потсети на баба ми, која секогаш беше топла и пријателски настроена“, изјави за CBS минатата година.
Иако претходно не беше практика свршениците и верениците на членовите на кралското семејство да присуствуваат на божиќната вечера со кралицата, исклучок беше направен за Меган Маркл во 2017 година, а неколку месеци подоцна принцот Хари и таа официјално станаа маж и жена.
Сепак, работите се променија во 2020 година кога Маркл и Хари објавија дека сакаат да се дистанцираат од должностите на кралското семејство и дека сакаат да поминат извесно време во Америка.
Нивната шокантна одлука беше детално покриено од медиумите, а таблоидите го нарекоа „Мегзит“, правејќи паралела со излегувањето на Британија од Европската унија.