Меѓаши: На децата кои растат во сиромаштија им се прекршени основните детски права, системот затајува во координација и превенција

Секое дете кое расте во сиромаштија живее во сенка на ограничувањата што не треба да ги има, велат од Меѓаши за „Локално“

од Бисера Трајковска
15 прегледи

Според анализите на Државниот завод за статистика (ДЗС), 22.2 отсто од граѓаните во земјава во 2023 година биле сиромашни, а најпогодени се семејствата со три и повеќе деца, но и самохраните родители. Ова значи дека најпогодени се семејствата со три и повеќе деца, како и самохраните родители. Пред се, сиромаштијата ги погодува децата до 17 години – чија стапка изнесува 30 проценти, што покажува дека секое трето дете во земјата расте во сиромаштија.

Од Меѓаши за „Локално“ велат дека секое дете кое расте во сиромаштија живее во сенка на ограничувања што не треба да ги има.  

-Секое дете кое расте во сиромаштија живее во сенка на ограничувања што не треба да ги има. Наместо да игра, учи и се развива како секое дете, тоа е принудено да расте побрзо. Сведоци сме на деца кои наутро одат да питаат или продаваат по улиците наместо да одат во училиште., велат од Меѓаши. 

Оттаму се децидни дека децата кои растат во сиромаштија се изложени на повеќеслојни предизвици: образовни предизвици – отсуство од училиште поради работа, недостиг на материјали за учење, слаби училишни резултати што го ограничуваат идниот развој.  

Исто така, не изостануваат и здравствени проблеми – недоволно исхрана, отсуство на превентивна заштита, повисок ризик од болести, но и социјална изолација – стигматизација, невклученост во активности што бараат финансиски средства, развој на чувство на пониска вредност.  

Децата во вакви услови се принудени да питаат, државата има обврска да им помогне да се описменат 

Од Меѓаши велат дека децата кои живеат во вакви околности и услови најчесто се принудени од нивните родители да питаат за да обезбедат каква таква материјална егзистенција.  

Тие информираат дека не располагаат со точни податоци за тоа колку деца питаат во Република Македонија.  

-Но најчесто жртви на оваа злоупотреба на детскиот труд се деца кои доаѓаат од сиромашни семејства, семејства со низок социјален статус и семејства кои живеат во ризик. Од нашата секојдневна работа со деца, јасно гледаме дека системот најмногу затајува во координацијата и превенцијата. Надлежните институции знаат за проблемите, но недоволно вложуваат да ги решат истите, додаваат од Меѓаши. 

Како што појаснуваат, постои фрагментираност каде различни институции работат без доволна соработка, а социјалните програми за семејства се недоволно финансирани.  
Особено, потенцираат, проблематично е што системот реагира кога проблемите веќе се длабоки, наместо да инвестира во превентивни мерки.  -Меѓународната евиденција покажува дека ранливите деца особено потекнуваат од етничките малцинства и домаќинства со лимитирани ресурси, но оваа димензија не е доволно препознаена во системските решенија. Повеќе години наназад укажуваме дека државата има обврска децата од улица да ги вклучи во училиште. На тој начин и може да им помогне на децата питачи да се описменат, да стекнат други навики и знаења и вештини кои ќе им помогнат да излезат од магичниот круг на повеќедецениска експлоатација и злоупотреба, потенцираат од Првата детска амбасада. 

Децата се изложени на ризик, носат товар што не им припаѓа

Како што посочуваат, овие деца се изложени на ризик, носат товар што не им припаѓа, а тоа е стравот дека нема да има доволно храна, срамот од скинатата облека, изолација од своите врсници и детската игра.  

-Тие растат во константен стрес, каде секој ден е борба за преживување. Најтешко е што се невидливи за општеството, дискриминирани и занемарени. За нив детството не е време на безгрижност, туку период каде учат дека светот не е праведен. Да не зборуваме за развој на животни вештини и грижа за менталното здравје, На децата кои растат во сиромаштија им се прекршени основните детски права, на живот, топол дом, храна и образование. За жал, со непостапувањето на институциите и нивната негрижа за децата се продолжува  циклусот на сиромаштијата од генерација на генерација од кој тешко се излегува без системска помош и подадена рака/пружена поддршка, потенцираат од „Меѓаши“. 

Меѓаши

Од Првата детска амбасада се децидни дека правото на сите деца да учат е природно право на секое човечко суштество.  

-Ова важи особено за децата од улица, бидејќи ако државата обезбеди задолжително бесплатно и пред се квалитетно образование за секое дете може да се скрши порочниот круг на неписменост, сиромаштија, питање, детска експлоатација и злоупотреба. Децата кои не одат на училиште, се изложени на здравствени ризици бидејќи имаат малку облека на нив особено во зима. На здравствени ризици се изложени и поради условите во кои живеат, додаваат од Меѓаши. 

Посочуваат дека најголем дел од нив живеат во импровизирани куќи од картонски кутии и најлони, без струја и вода, без санитарни чворови.  

-Поради лошите економски услови децата не се хранат редовно, ниту квалитетно. Кога овие деца ќе имаат покрив над главата, кога нивните родители ќе располагаат со минимални средства што самите ги заработиле и кога нивните деца ќе бидат во училиште наместо на улица проблемот со злоупотребата на детскиот труд можеби нема да се искорени но секако ќе се намали. Децата на улица ако се вклучат во училиштето ќе бидат дел од образовниот процес и ќе имаат други навики и потреби. Ќе треба и ќе мора да ги исполнуваат училишните обврски, додаваат од Меѓаши. 

Државата мора да направи промени, образованието да стане достапно за сите

Како што додаваат, ако им се обезбеди покрив над главата и по едно вработување на семејствата, ќе се овозможи нов начин на живот кој не се заснова на преживување туку на живеење, преку кој родителите ќе станат и позитивен пример за своите деца.  

-Сигурни месечни примања, а преку тоа создавање на редовни работни навики, следење на обврските поврзани со работата од страна на родителите како и покрив над главата за почеток ветува успех.  Државата мора да направи промени – наместо да чека проблемите да се случуваат за потоа да се интервенира, треба да инвестира во тоа да не се случува и да работи на превенција. Тоа би значело јакнење на социјалната заштита преку зголемување на детскиот додаток, воведување на универзални програми за поддршка, веелат од Првата детска амбасада во светот. 

Образованието, како што појаснуваат, треба да стане достапно за сите преку програми за исхрана во училиштата и поддршка за превоз, особено во руралните средини.  

Според Меѓаши, потребен е мултисекторски пристап каде здравството, образованието и социјалната заштита работат заедно. 

-Клучно е развивањето на програми за рана интервенција кај семејства во ризик, поддршка за вработување на родителите, бесплатно вклучување на децата во ризик во претшколско образование и создавање работни места во локалните заедници. Но сето ова бара долгорочна посветеност и зајакнување на партнерството меѓу државата и граѓанскиот сектор кој има директно искуство во работата со ранливите деца, додаваат од Меѓаши. 

 Б.Т.