Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA) потврди дека нема напредок во преговорите со Иран за чувствителни прашања, вклучително и повторно поставување на надзорни камери и присуство на траги од ураниум на непријавени локации, пренесува „Ројтерс“ цитирајќи два квартални извештаја.
Во исто време, залихите на ураниум збогатен до 60 отсто чистота растат, иако со нешто побавно темпо, според еден од доверливите извештаи на IAEA до земјите-членки. За да се развие нуклеарно оружје, ураниумот мора да биде збогатен до 90 отсто чистота, но збогатениот ураниум до 60 отсто е само краток, технички чекор од нивото од 90 отсто.
Директорот на агенцијата на ОН, Рафаел Гроси, изрази жалење што не е постигнат напредок во решавањето на важни прашања, алудирајќи на неуспехот на Иран да го објасни потеклото на честичките од ураниум пронајдени на две непријавени локации.
Ги исклучиле камерите за надзор
Во вториот квартален извештај на IAEA, во кој „Ројтерс“ имал увид, се наведува дека Иран има 121,6 килограми ураниум збогатен до 60 отсто, што е помалку отколку во претходните извештаи. Производството на ураниум со чистота до 60 отсто забави на три килограми месечно во однос на претходниот месец кога беа произведени девет килограми.
Гроси го повика Иран „сериозно и одржливо да соработува со агенцијата за да ги исполни своите обврски“ и повторно да ги инсталира камерите за надзор. Техеран во март вети дека повторно ќе ги активира надзорните уреди кои беа исклучени во јуни 2022 година во услови на влошување на односите со Западот.
Извештаите на IAEA доаѓаат додека Иран и САД преговараат за размена на затвореници и ослободување на милијарди долари од иранските средства замрзнати во Јужна Кореја. Иран тврди дека неговата нуклеарна програма е мирољубива, но генералниот директор на IAEA предупреди дека Техеран има доволно збогатен ураниум за „неколку“ нуклеарни бомби, доколку одлучи да ги изгради.