Првите 100 дена од раководењето со општина Струга од страна на Рамиз Мерко донесоа отпуштања од работа на околу стотина поранешни вработени во локалната самоуправа, училиштата и јавните претпријатија, обвинија денес на прес конференција од Алијанса на Албанците. Од таму велат дека овие сто дена биле најцрни за Албанците во Струга, но и за општината од како со неа раководи некој градоначалник, информира АлсатМ.
„За 100 дена околу 100 семејства останаа без приход дома бидејќи градоначалникот и неговите другари ги отфрлија од работа. Тоа беа сите Албанци и албански семејства. Вие отпуштивте од работа млади Албанци, полни со надеж, знаење и енергија да придонесат за оваа земја и да не бегаат надвор. Вие ги отпуштивте луѓето кои немаат друг извор за да ги нахранат своите деца. Исто така отпуштивте од работа постари госпоѓи пред пензионирање, само за да ја испровоцирате вашата фрустрација на лошиот резултат што го добивте“, рече Имер Имери, претседател на Алијанса на Албанците во Струга.
Рамиз Мерко, пак, вели дека во изминатите сто дена презеле чекори за деполитизација на општинската администрацијата. На обвинувањата одговори дека многу од нив немале решенија, но и дека биле примени во време на кампања.
„Вработени се лица кои никогаш не се појавиле во зградата на општина Струга, а и прашање е дали воопшто знаат каде се наоѓа општина Струга. Дел од тие лица како Мухамед Красниќи од Скопје, Бујар Плоштани од Тетово но исто така и вработени од Струга кои доаѓале на работа, а земале плата како Арслан Истрефи, Роланс Амзаи, Јетона Селими, Мирсон Пошка син на еден од партнерите на Зијадин Села, кои се отстранети“, рече градоначалникот Мерко.
Од Алијанса обвинија и дека Мерко ништо не направил од она што го ветил за Струга и не реализиран ниту еден проект. Мерко пак, обвини дека претходната локална власт на чело со Зијадин Села оставила многу проблеми, дека само три фирми ги добивале тендерите, а долгот на општината бил 7,5 милиони евра од кој 50% биле по основ на камати. Според него издавани биле и решенија за објекти за градба без претходно да биде донесена одлука од страна на Советот на општината.