Мегваер ќе се бори за своето место во Манчестер Јунајтед

од Vladimir Zorba
232 прегледи

Капитенот на Манчестер Јунајтед, Хари Мегваер е решен да се бори за своето место во тимот и нема намера да го напушти „Олд Трафорд“. 29-годишниот дефанзивец остана на клупата за дербито со Ливерпул на сметка на Рафаел Варан кој одлично се претстави. Затоа се очекува Французинот во иднина да стане прв избор на Ерик тен Хаг, а Мегваер се почесто да биде изоставен од стартните единаесет. Веднаш се шпекулираше дека англискиот репрезентативец би можел да биде продаден, но според „Дејли Мејл“, играчот не сака да си замине и ќе направи се за да ја врати довербата на менаџерот.

Мегваер беше донесен во Манчестер Јунајтед од Лестер во 2019 година за рекордни 87 милиони евра. Досега за „црвените ѓаволи“ има 146 натпревари, 7 гола и 5 асистенции. Сепак, дефанзивецот никогаш не можеше да ги оправда големите очекувања и често е предмет на сериозни критики. Тој има договор со клубот на уште три години со опција да го продолжи за уште една.

Во последните денови се шпекулираше за интерес за Мегваер од Челси. И Барселона внимателно ја следи ситуацијата околу дефанзивецот. Во моментов, сепак, се чини неверојатен трансфер во кој било од овие два клуба. Згора на тоа, желбата на самиот фудбалер е да остане во Јунајтед.

„Некои играчи, особено кога се под критики, би отишле директно во Барселона доколку добијат понуда од таму. Но, Хари е силен карактер и сака да има успешна сезона со Јунајтед. Кога станува збор за менталната цврстина, Хари има огромна таква. Како и секогаш, тој ќе се зафати со работа и ќе го прави тоа што го прави најдобро“, изјави за „Мирор“ извор близок до фудбалерот.

Слични содржини