Мехмедовиќ за состојбата со Ковид-19: Ситуацијата од Грција не е пресликана во Македонија

од Nikola Popovski
157 прегледи

Портпаролот на Комисијата за заразни болести, д-р Злате Мехмедовиќ информираше дека на 1-ви август, Комисијата имала формален состанок, при што била разгледувана состојбата со Ковид-19 во земјава.

-Во текот на изминатите четири недели видовме раст на бројките. Пред две недели имаме 78 случаи, а во последната недела 116 случаи. Секако ова не се реални бројки бидејќи многу луѓе прележале. Бројката е веројатно многу поголема. На терен можеме да видиме дека луѓето многу полесно ја прележуваат болеста, што беше карактеристичко во периодот на омикрон. Се уште живееме во периодот на омикрон. Гледаме еден благ пораст во бројките, рече Мехмедовиќ во вестите на ТВ Сител.

Информира дека детално ги разгледале сите податоци и извештаи за сегашната состојба.

-Согласно сите параметри, се носи заклучок и какви мерки треба да преземеме. Во моментов немаме хоспитализации на тежок Ковид. Сите случаи се третираат амбулантски. Практично немаме случај кој што е директен резултат како смрт од Ковид-19. Сликата од Грција не е пресликана во Македонија, укажа докторот, во однос на трендот на зголемување на заразените, хоспитализираните и починатите од Ковид-19 во Грција, земја во која голем дел од нашите граѓани одат на одмор.

Комисијата ги реафирмираше препораките за заштита, додава Мехмедовиќ.

-Да се избегнуваат затворени простории, доколку почувствувате дека имате симптоми, да се самоизолирате, доколку не можете, тогаш носете маска. Истото важи и за болничките установи, односно да се почитува куќниот ред за посети….Проблемот е доколку подолго време седите во затворен простор, наведува портпаролот на КЗБ.

Според него, никогаш нема штета од носење на заштитна маска во затворен простор, а бенефитот е голем, особено во вакви периоди кога има поголем број на случаи.

-Апел во пресрет на периодот од септември, граѓаните над 65 години и оние со хронични проблеми нека појдат во најблиската здравствена институција и да ја примат дозата која што може да го бустира нивниот имунитет, потенцира Мехмедовиќ.

Слични содржини