
Премиерот на Велика Британија, Тереза Меј оствари средба со рускиот претседател Владимир Путин на маргините на Г-20 во Осака, Јапонија, објавијаа „Гардијан“ и „АП“.
Пред да започнат разговорите, двајцата се ракуваа ладно, без насмевки пред новинарите.
Меј изјавила пред Путин дека „не може да има нормализација на нашите билатерални односи, додека Русија не прекине со неодговорните и дестабилизирачки активности кои се закануваат на Велика Британија и нејзините сојузници, вклучувајќи непријателските интервенции во други држави, дезинформациите и сајбер нападите кои ја поткопуваат позицијата на Русија во светот“, соопштија од „Даунинг стрит“ по средбата меѓу двајцата.
Меј исто така истакнала, очигледно како одговор на интервјуто на Путин пред „Фајненшл тајмс“, дека „Велика Британија ќе продолжи да ја брани либералната демократија и човекови права, еднаквоста на сите групи, вклучувајќи и на ЛГБТ заедницата“.
Ова е прва средба на високо ниво меѓу двете земји по години. Односите меѓу Русија и Велика Британија достигнаа дно по труењето на Сергеј и Јулија Скрипал со „новичок“ во англискиот град Солсбери на 4 март 2018 година. Тие со недели беа во критична состојба, но успеаја да се опорават. Лондон ја обвинува Москва за труењето, предизвикувајќи најголема дипломатска криза од Студената војна. Велика Британија протера стотици руски дипломати, Москва одговори реципрочно.
Пред состанокот, Мај изјави дека Велика Британија ќе инсистира на тоа дека двајцата руски разузнавачи, обвинети за нападот, ќе бидат изведени пред лицето на правдата. Меј, исто така, соопштила дека односите со Русија не можат да се вратат во нивната вообичаена состојба, се додека осомничените не се предадени на правдата, а Москва продолжи со дезинформациите и сајбер-нападите.
Во интервју за „Фајненшал тајмс“ пред самитот на Г20, Путин увери дека Русија нема никаква врска со труењето. Според него, билатералните односи се многу поважни од „бучавата околу шпиони, кои не чинат ни пет копејки“.
ТАСС потсетува дека последниот состанок меѓу Меј и Путин се одржал на 4 септември 2016 година во Кина за време на Г-20, но тогаш Мај се насмевнала на нејзиното ракување со рускиот лидер.