Мејведер остана без 100 МИЛИОНИ ДОЛАРИ по смртта на шеикот Ал Нахјан

од Vladimir Zorba

Се очекуваше Флојд Мејведер да се врати во рингот на 14 мај. Егзибицискиот натпревар кој требаше да се одржи во Дубаи против Дон Мур засега е откажан.

Причината поради која борбата нема да се одржи е неодамнешната смрт на претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Калифа бин Зајед Ал Нахјан.

Поради тажниот настан, Министерството за претседателски работи на Емиратите исто така соопшти: „Длабоко сме тажни поради објавата за неодамнешната смрт на претседателот на ОАЕ, шеикот Калифа бин Зајед Ал Нахјан. Поради смртта, Обединетите Арапски Емирати ќе го одбележат официјалниот период на жалост во следните 40 дена“.

Поради тоа настанот „Global Titans Dubai“ кој требаше да се одржи денеска во Бурџ ел Араб е одложен до дополнително известување.

– Се извинуваме за непријатностите што може да ги предизвика овој случај и ги уверуваме навивачите дека овој спектакуларен настан ќе се случи во иднина – соопштија од министерството.

Боксерот испрати порака за поддршка на оваа земја од Блискиот Исток и изрази сочувство до семејството.

Што точно е овој настан и колку пари беа во игра?

Хелиодромот на хотелот Бурџ Ал Араб беше планирано место за борбата. Дуелот требаше да има ексклузивен карактер, бидејќи само неколку луѓе можеа лично да присуствуваат на настанот, додека влезниците за пренос на натпреварот преку видео врска чинат приближно 200 долари.

Наводно, хонорарот на Мејведер за овој меч изнесувал 100 милиони долари, а самиот борец изјавил дека ова ќе му биде последен егзибициски дуел. Иако, со оглед на тоа што Флојд пред секој меч зборува за својот последен, не треба да се чуди ако наскоро најави нов спектакл. Доколку на неговата адреса пристигне понуда која „не може да се одбие“, љубителите на боксот очекуваат дека боксерот ќе ја прифати. Впрочем, тој е човек со прекар „пари“.

Официјалните промотори на борбата во арапската земја чекаат да се смири ситуацијата во земјата за да се излезе со нов датум.

Слични содржини