Ланецот за брза храна, Мекдоналдс соопшти дека доживува „значителен“ удар врз бизнисот бидејќи клиентите на Блискиот Исток и другите делови од светот ја бојкотираа компанијата поради нејзината поддршка за Израел.
Главниот извршен директор Крис Кемпчински го призна влијанието на бизнисот во објава на Линкдин, обвинувајќи ја реакцијата од некои клиенти за дезинформации, објави Би-Би-Си.
Тој е вториот извршен директор на голема американска фирма кој се жали на влијанието на тензиите меѓу Израел и Газа врз бизнисот.
Работата на Старбакс исто така беше на удар.
„Неколку пазари на Блискиот Исток и некои надвор од регионот доживуваат значајно деловно влијание поради војната и поврзаните дезинформации кои влијаат на брендовите како Мекдоналдс“, напиша Кемпчински во пораката.
Тој посочи дека тоа е обесхрабрувачки и неосновано.
„Во секоја земја во која работиме, вклучително и муслиманските земји, Мекдоналдс е гордо претставен од локални оператори“, додал Кемпчински.
Мекдоналдс има повеќе од 40.000 ресторани ширум светот. Околу пет проценти се наоѓаат на Блискиот Исток.
Откако Хамас го нападна Израел на 7 октомври, корпоративното седиште на Мекдоналдс се обиде да остане настрана од конфликтот. Но, во неделите по нападот, Мекдоналдс Израел соопшти дека поделил илјадници бесплатни оброци на членовите на израелската војска.
Потегот предизвика повици за бојкот на брендот од страна на оние кои беа налутени од воениот одговор на Израел во Газа, што ги поттикна сопствениците во земјите со мнозинско муслиманско население како Кувајт, Малезија и Пакистан да издадат изјави со кои се оградија од потегот.
Пораката на Кемпчински уследи по ескалацијата на тензиите поради бојкотот во последните денови, пренесува Танјуг.