Мекгрегор објави понуда за купување на Челси

од Vladimir Zorba
433 прегледи

Конор Мекгрегор пред неколку дена изрази интерес за купување на Челси, откако Роман Абрамович објави дека англискиот клуб се продава за три милијарди фунти. Сега ирската ММА суперѕвезда отиде чекор понатаму и испрати понуда. Барем преку Твитер, за половина од бараната сума.

„Ја пласирам мојата понуда од една и пол милијарда фунти“, напиша Мекгрегор како коментар на веста за цената што ја постави рускиот олигарх. Не е јасно колку е сериозен поранешниот шампион на УФЦ, но тој претходно покажа интерес да го купи и Манчестер Јунајтед.

Проблемот е што тој во моментов нема ни приближно доволно пари за оваа неформална „понуда“, а камоли колку што бара Абрамович. Мекгрегор минатата година го продаде својот бизнис со виски за 150 милиони долари, ставајќи го на врвот на листата на „Форбс“ на спортисти кои заработиле најмногу во 2021 година со 180 милиони долари.

Најголемиот профит го направи од борбата на кариерата со боксерската легенда Флојд Мејведер, кога заработи околу 100 милиони долари. Иако тврди дека неговата заработка од продажбата на компанијата ќе надмине 700 милиони во следните неколку години, ни тоа нема да биде доволно без да собере конзорциум или да земе голем кредит.

Слични содржини