Легендарниот Американец Џон Мекинро проговори за трката на Роџер Федерер, Рафаел Надал и Новак Ѓоковиќ по бројот на Гренд слем титули.
Надал го освои Австралија опен и стигна до рекордната 21. титула, додека Ѓоковиќ и Федерер останаа со по 20 зад него.
– Би сакал Федерер, Ѓоковиќ и Надал да завршат со исто толку Гренд слема, 21 или 22. Убаво е што Роџер и Новак веднаш му ја честитаа титулата на Рафа во Мелбурн, тоа се одлични пораки. Се наежив по финалето… Тие се толку добри спортисти што не сакате никој да остане зад некого – рече Мекинро и продолжи:
– На Роџер ќе му биде тешко да освои некој Гренд слем до крајот на кариерата, иако ништо не е невозможно. За Ѓоковиќ многу зависи од вакцината, треба да видиме дали воопшто ќе игра во Париз.
Тој истакна дека Надал има најголеми шанси да го освои „Ролан Гарос“.
– Мислам дека Надал има големи шанси да стигне до 22. Гренд слем титула. Може да ги остави Федерер и Ѓоковиќ зад себе – изјави Мекинро.
„Ролан Гарос“ е на програмата од 22 мај до 5 јуни.