„Мекларен“ ќе користи погонски системи на „Нисан“

од Vladimir Zorba
302 прегледи

Тимот на „Мекларен“, кој ќе учествува во целосно електричниот шампионат во Формула Е, ќе користи погонски системи на „Нисан“. Претходно оваа година, тимот од Вокинг објави дека ќе ја додаде Формула Е на своето портфолио, откако ќе ги земе средствата на Мерцедес (персонал, опрема), но не и погонски системи.

„Нисан“ се приклучи на Формула Е на почетокот на сезоната 2018-19, кога го замени „Рено“ како снабдувач на единици на тимот ДАМС. На почетокот на оваа година, јапонскиот автомобилски гигант ги купи сите акции на тимот ДАМС во Формула Е со цел да добие целосна контрола над тимот.

„Нисан“ го докажа своето знаење, умешност и посветеност во последните четири сезони во Формула Е. Со доаѓањето на ерата Ген3, не се сомневаме дека оваа соработка ќе донесе успех на двете страни“, изјави извршниот директор на „Мекларен“, Зак Браун.

„Ова ќе биде вистинско партнерство кое ќе помогне за подобри перформанси на двата тима, како и развој на моторот на „Нисан“, додаде Американецот.

Во последниве години, Мекларен почна значително да го проширува својот дофат и, покрај Формула 1, има тимови од сериите Индикар, еСпорт и Екстрем Е.

Од Вокинг сè уште не објавиле кои ќе бидат нивните возачи кога ќе влезат во Формула Е. Поранешниот возач на Мекларен Формула 1, Стофел Вандорн и актуелниот шампион во Формула Е, Ник де Вриј, моментално се натпреваруваат за Мерцедес.

Слични содржини