Мекларен побара преиспитување на казната на Норис за ГН на САД

од Vladimir Zorba
24 прегледи

Тимот на Мекларен побара од ФИА да ја преиспита одлуката за контроверзната казна што го лиши Ландо Норис од место на подиумот на минатонеделното Гран При на САД, иако е свесен дека шансите за успех се мали.

Одлуката на стјуардите да го казнат Норис предизвика многу дискусии во последните денови околу правилата на битките „гума до гума“. Според најновата верзија, која стапи на сила на почетокот на оваа година, во фазата на одбрана возачот може да го истисне противникот од патеката, дури и самиот да ја напушти, се додека прв стигне до врвот на свиокот. Во случајот помеѓу Норис и Верстапен, Холанѓанецот успеа да стигне до врвот на остриот свиок #12, давајќи му предност пред неговиот ривал.

Мекларен првично изјавија дека нема да се жалат на забраната, но се чини дека се премислиле во последните денови. Токму поради оваа причина, британскиот тим го побара таканареченото „право на ревизија“ на првичната одлука.

Сослушувањето на Мекларен ќе биде во два дела, а тоа ќе биде пред стјуардите на ГН на САД, кои ќе направат видео повик. Во првиот дел, британскиот тим ќе треба да презентира „нови и суштински докази кои не им биле достапни на комесарите кога ја донеле својата првична одлука“.

Во случај Мекларен да се справи добро со овој дел и стјуардите да сметаат дека поднесувањето на тимот ги исполнува критериумите, тогаш следува вториот дел. Во него, комесари ќе ги разгледаат овие нови докази и можеби ќе ја променат својата одлука.

Во принцип, овие обиди на тимовите да ги променат одлуките на стјуардите ретко се успешни. Во 2021 година, во битката помеѓу Ред Бул и Мерцедес, имаше неколку слични барања, но сите беа неуспешни.

Првото сослушување на тимот на Мекларен е закажано за 14:30 часот по локално време во Мексико денеска (22:30 часот по наше време). Доколку британскиот тим некако успее да ја поништи одлуката на стјуардите, тоа сериозно ќе се одрази на битката за титулата меѓу Норис и Верстапен.

Разликата меѓу двајцата моментално е 56 бода, а доколку двајцата се вратат на првобитните позиции, таа ќе се намали на 50 со уште пет кола до крајот на шампионатот.

Слични содржини