Мелони: Кросето, Тајани и јас сме пријавени во Меѓународниот кривичен суд за соучество во геноцид во Газа

од Vladimir Zorba
32 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин

Италијанската премиерка Џорџија Мелони денес изјави дека таа, заедно со министрите за одбрана и надворешни работи, Гвидо Кросето и Антонио Тајани, се пријавени во Меѓународниот кривичен суд (МКС) во Хаг за „соучество во геноцид“ во Газа.

Мелони изјави за италијанската телевизиска станица РАИ дека извршниот директор на италијанската одбранбена компанија Леонардо, Роберто Чинголани, исто така е пријавен за „соучество во геноцид“, пренесува АНСА.

„Верувам дека нема друг случај во светот или во историјата со вакви обвинувања“, рече Мелони.

Основан со Римскиот статут во 2002 година, Меѓународниот кривичен суд е последното средство за повикување на поединци на одговорност кога националните судови не се подготвени или не се во можност да го сторат тоа.