Мелони: Нападот врз Иран е опасен тренд на интервенции надвор од меѓународното право

Италијанската премиерка Џорџија Мелони денес го критикуваше американско-израелските напади врз Иран, опишувајќи ги како дел од растечкиот и опасен тренд на интервенции надвор од меѓународното право

од Кристијан Димков
14 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин

Таа ги даде овие забелешки пред италијанскиот парламент, по повторените обвинувања од опозицијата дека нејзината десничарска влада е премногу попустлива кон своите сојузници.

Повеќето други европски земји, со исклучок на Шпанија, се воздржаа од директно критикување на нападите на САД и Израел, најчесто повикувајќи на воздржаност.

Мелони, која има блиски врски со американскиот претседател Доналд Трамп, исто така рече дека на Иран не смее да му се дозволи да развива нуклеарно оружје, бидејќи тоа би довело до крај на меѓународната рамка за неширење на нуклеарно оружје со драматични последици за глобалната безбедност, оставајќи ја Италија и Европа изложени на потенцијална нуклеарна закана од Техеран.

Мелони направи паралела помеѓу војната на Блискиот Исток и руската инвазија на Украина во 2022 година, која ја опиша како настан што предизвика поширока глобална дестабилизација.

„Во овој контекст на структурна криза во меѓународниот систем, во која заканите стануваат сè позастрашувачки, а едностраните интервенции надвор од рамките на меѓународното право се множат, мора да ја разгледаме и американската и израелската интервенција против иранскиот режим“, изјави таа пред Сенатот.

Мелони истакна дека Рим им обезбедува системи за воздушна одбрана на земјите од Заливот погодени од нападите од Техеран.

„Ова не е само затоа што тие се пријателски нации и стратешки партнери на Италија, туку и затоа што во областа има десетици илјади италијански граѓани кои мора да ги заштитиме, а да не го спомнуваме фактот дека околу 2.000 италијански војници се стационирани во Заливот“, додаде Мелони, пренесува Ројтерс.