Нелегалниот прилив на мигранти им штети на сите земји во Медитеранот, изјави во неделата италијанската премиерка Џорџија Мелони, која се обидува да создаде широк сојуз на земји во борбата против трговијата со луѓе.
Обидувајќи се да ја ублажи својата претходна тврдокорна реторика, Мелони на меѓународна конференција во Рим рече дека нејзината влада е отворена да прими поголем број мигранти, но преку легални канали, бидејќи „и на Европа и на Италија им е потребна имиграција“.
Таа нагласи дека треба да се направи повеќе за да се спречат мигрантите да се обидат да ја минат опасната медитеранска рута преку илегални рути.
„Масовната илегална имиграција ни штети на сите нас. Никој нема корист од тоа, освен криминалните групи кои се збогатуваат на сметка на најранливите и ја користат својата моќ дури и против владите“, рече таа.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ја повтори и ја истакна изјавата на Џорџија Мелони за легалните патишта за мигрантите кои се обидуваат да стигнат до земјите на ЕУ.
ЕУ и Тунис, главната појдовна точка за мигрантите, потпишаа договор за „стратешко партнерство“ минатата недела, кој вклучува и клаузула за борба против трговците со луѓе и за заострување на граничните мерки.
Европа му вети на Тунис, чија економија е во лоша состојба, помош во износ од една милијарда евра, а дополнителни 100 милиони евра се наменети за борба против илегалната миграција.
„Сакаме нашиот договор со Тунис да стане образец. План за иднината за партнерства со другите земји во регионот“, рече Фон дер Лејен на конференцијата.
И папата Франциск, обраќајќи им се на верниците и туристите собрани на плоштадот Свети Петар денеска, ги повика европските и африканските влади да им помогнат на мигрантите заробени во пустинските области на Северна Африка и да гарантираат дека Медитеранот никогаш повеќе нема да биде „сцена на смртта“ за сите оние кои се обидуваат да ја поминат медитеранската рута.
Домаќинот на конференцијата, Италија, постојано се бори со бројните илегални мигранти кои стигнуваат до италијанските брегови во прифатните центри како што е најјужниот италијански остров Лампедуза.
Во исто време, населението на Италија старее, а бројот на раѓања се намалува, па дополнителна работна сила би била корисна за да и помогне на економијата на земјата.