Ако се суди според бројот на поднесените претставки до Народниот правобранител нема голема разлика во однос на состојбата со човековите права во текот на минатата година и во 2018. Омбудсманот Иџет Мемети, во интервју за МИА, истакнува дека поголемиот дел на преставките во 2019 година се за работата на правосудните органи во држaвата. Но, исто така наведува дека изминатата година, за разлика од претходните години има зголемување на бројот на преставки за социјалната сфера, здравствената заштита, детските права, а во делот на дискриминацијата има зголемување на преставките за мобинг.
Како причина за зголемување на поплаките во областа социјала тој го наведува новиот Закон за социјална заштита, за кој вели дека на одредени категории граѓани, наместо да им ги унапреди правата им создал дополнителни главоболки. Мемети нагласува дека заради неажурното работење на центрите за социјална работа во поглед на преведувањето/усогласувањето на правата од социјалната заштита голем број од нив останале без заштита од повисоките инстанци, а со тоа и без социјална помош, иако тоа им е единствен извор за живот.
Мемети во интервјуто за МИА нагласува дека во услови на прогласена вонредна состојба, определени мерки во вид на забрани се неизбежни. Сепак, додава тој, има посебни тимови од заменик народен правобранител и советници кои редовно ги следат уредбите на Владата со законска сила и со свои предлози, мислења интервенираат заради што поголемо и посеопфатно почитување на човековите права.
Народниот правобранител упати апел до властите при донесувањето на сите мерки да се внимава на човековите слободи и права, и ограничувањата да бидат само со цел превенирање и заштита на здравјето на граѓаните. Исто така апелираше граѓаните да ги почитуваат мерките, за да можеме што побрзо да се вратиме на она што се нарекува нормален живот, и веднаш кога ќе се процени дека е тоа можно, ограничувањата постепено да се укинуваат.
Мемети за МИА нагласува дека до овој момент никој не се пожалил на однесувањето на полицијата при спроведувањето на полицискиот час.
Тој во интервјуто за МИА говореше подетално за содржината на извештајот, за состојбата со правата на затворениците и притворениците, за начинот на кој институциите постапуваат по препораките на Народниот правобранител.
Вонредната состојба поради Ковид-19 одложи многу настани во државата, меѓу кој и јавното објавување на извештајот на Народниот правобранител за 2019 година. Овој документ сега е достапен на вашата веб страна. Пред да ни одговорите за податоците на извештајот кажете ни дали има претставки по однос на забраните што се воведени поради коронавирусот? Дали сметате дека со тоа се повредени основните човекови слободи и права?
– Состојбата со корона вирусот одложи многу настани во државата. Сепак, извештајот на Народниот правобранител за степенот на почитувањето на човековите слободи и права во изминатата 2019 година во законски предвидениот рок го доставивме до Собранието и јавно е достапен односно објавен е на нашата веб страница www.ombudsman.mk.
Во услови на прогласена вонредна состојба, определени мерки во вид на забрани се неизбежни. Од друга страна, има посебни тимови од заменик народен правобранител и советници кои редовно ги следат Уредбите на Владата со законска сила и со свои предлози, мислења интервенираат заради што поголемо и посеопфатно почитување на човековите права.
Оттука, важно е да се следат воведените забрани, околностите поради кои, или под кои се воведени истите, при што особено треба да се има предвид целта поради кои се воведуваат. Во случајот се работи за заштита на здравјето на целокупното население, што значи се однесуваат подеднакво за сите, се применуваат кон сите, со одредени оправдани исклучоци, а се предложени од стручни лица кои ја разбираат оваа проблематика (епидемиолози, инфектолози), кои пак, се согласни дека единствен начин да се спречи ширењето на вирусот е превенцијата.
Сметам дека досега преземените мерки се оправдани и го поздравувам начинот на кој се справува Владата со ова прашање.
Во контекст на погореизнесеното да ве известам дека веднаш по воведувањето на ограничувањата ние до Владата интервениравме со доставување на две информации кои содржат повеќе препораки, и истите заради транспарентност се објавени и на нашата веб страница.
Накратко, во првата, која се однесува за заштитата на правата на лицата лишени од слобода потсетивме дека мерките и активностите што се преземаат заради заштита и справување со последиците од пандемијата на вирусот не смеат да резултираат со каков било нечовечки или понижувачки третман спрема овие лица, и во таа насока препорачавме безусловно почитување на меѓународните принципи и стандарди. Сметам дека основен принцип при преземањето на какви било активности и мерки треба да биде заштитата на здравјето и личната сигурност на сите лица лишени од слобода, но и на персоналот во овие установи/места, на што посебно потенциравме во препораката.
Покрај ова, јас сум во директна комуникација со Владата и надлежните министерства по однос на ова прашање, и верувам дека Владата ќе ги почитува дадените сугестии и препораки во насока на што поголемо почитување на човековите права на осудените и притворените лица, во услови во кои во моментот се наоѓа државата. Во таа насока, имајќи ги предвид и овие околности, како и тоа дека во затворите има лица кои се во притвор заради обезбедување присуство на лицето иако се уште нема обвиненија, апелирам да се применат и други, поблаги мерки за обезбедување присуство наместо мерката притвор, се со цел превенција од ширење на коронавирусот во овие места.
Во втората информација, загрижени и за децата, старите и изнемоштени лица, лицата со попреченност, социјално загрозените лица и семејства кои живеат во субстандардни услови, бездомниците и др. како ранливи категории, и препорачвме на Владата максимално да се запазуваат сите стандарди кои се однесуваат на правата на овие лица. Едновремено, до сите установи каде се сместени овие лица, во овој период на изолација препорачавме да се внимава да не им се прекинуваат контактите со нивните блиски, односно да се изнјдат други, алтернативни форми и за сите нив навремено да се даваат потребните информации пред се од аспект на нивната здравствена состојба.
Сакам да потенцирам дека сме во постојана комуникација со надлежните институции (казнено поправните установи, јавни установи за сместување лица/деца, деинституционалните форми на згрижување), ја следиме состојбата, и доколку оцениме за потребно веднаш ќе интервенираме, затоа што посебно во една ваква ситуација тенка е линијата на повреда на човековите слободи и права.
Во оваа прилика апелирам до медиумите да продолжат професионално и објективно да известуваат во врска со корона вирусот, и најмалку е потребно да се создаде страв и паника кај населението. Следствено, во вакви услови секаков јавен настап кој е тесно партиски или политички мотивиран е разочарувачки и е за секоја осуда.
На крај како омбудсман би сакал да упатам еден апел до властите при донесувањето на сите мерки да се внимава на човековите слободи и права, и ограничувањата да бидат само со цел превенирање и заштита на здравјето на граѓаните. Исто така апелирам граѓаните да ги почитуваат мерките, за да можеме што побрзо да се вратиме на она што се нарекува нормален живот, и веднаш кога ќе се процени дека е тоа можно, ограничувањата постепено да се укинуваат.