Меморијален состанок посветен на жртвите од Холокаустот

од Vladimir Zorba
101 прегледи

Убедени сме дека со култивирање на универзалните вредности како што се толеранцијата, взаемното разбирање и почитта, ќе им помогне на помладите генерации да не бидат жртви на злото, туку да бидат дел од градењето на едно подобро и праведно општество, но и дека сите ние треба да се сеќаваме на Холокаустот во чест на жртвите за да се спречи и да не се повтори било каде во светот, рече ректорот на Универзитетот „Мајка Тереза“ Азиз Положани на денешниот Меморијален состанок посветен на жртвите од Холокаустот.

Со резолуцијата 60/7 на Генералното собрание на ОН се определи овој ден, посочи Положани, како датум кој што треба да се запамети, афирмира и стане дел од дебатите за да биде предмет на изучување, така што таквите настани да не се повторат повеќе.

– Секој од нас има одговорност да се спротивстави на неправдата, така што не треба да молчиме кога маргинализираните групи се загрозени. Не треба да ја потценуваме улогата на омраза и предрасудите, да не бидеме рамнодушни, да бидеме секогаш десната страна, од страната на „доброто“ бидејќи секогаш така може да се спречи повторувањето на таквите трагедии или слично, изјави ректорот Положани.

Посочи дека важноста на сеќавањата на Холокаустот и ужасните дела кои се извршени за време на Втората светска војна се од голема важност бидејќи тие можат повторно да се случат, колку и да изгледа тоа невозможно, исто како што не им изгледало на многу интелектуалци тогаш во тоа време дека би можеле да се случат такви злосторства.

Градоначалникот на Општина Чаир Висар Ганиу, рече дека треба да се ангажираме повеќе за да се бориме против расната и верската дискриминација за да не се повторуваат повеќе ваквите немили настани.

– Ние и останавме лојални на принципот дека албанскиот дом е дом на Бога и гостинот, а тоа е долгогодишна традиција на нашето постоење, изјави Ганиу.

Косовскиот амбасадор во земјава Ѓерѓ Дедај, рече дека граѓаните на Косово, но и на Македонија во најтешките времиња ги поддржале и ги засолниле Евреите за време на варварските нацистички напади.

Скендер Асани од НВО „Акта Нон Верба” истакна дека два важни факти го прават нашето Скопје познато во целиот свет, а тоа е хуманизмот кој го наследивме од Мајка Тереза и депортацијата на 98% од Евреите од Скопје во Треблинка – кампот за смрт.

– Во периодот на Втората светска војна, имаше група на луѓе кои преживеале. По толку многу години сфативме дека нашето општество има потреба од нов проект, нов почеток … нови шанси! Ќе го споменам нашиот проект “Граѓанска храброст во опасни времиња”, проект кој им даде можност на сите што живеат во нашата земја. Денес во рамките на овој проект создаваме врска за соработка меѓу универзитетите во Македонија и Израел, рече Асани.

Овој ден се определи со Резолуцијата на 1 ноември 2005 година, за време на 42-та пленарна седница, по повод 60-годишнината од ослободувањето на нацистичките концентрациони логори и крајот на Холокаустот, сметајќи го и денот кога се ослободи најголемиот престоен логор Аушвиц Биркенау на 27-ми јануари 1945 година.