„Компанијата ЛИДЛ и нивната инвестиција во индустриската зона Нивини и Речица во Куманово е една од стратешките развојни активности како за Куманово, така и за Македонија, која треба да обезбеди нови работни места и економски раст во регионот“, реагираа од ЗНАМ на денешните обвинувања на СДСМ.
„На крајот од мандатот на поранешната Влада, сакајќи да обезбеди политички поени пред Парламентарните избори минатата година ја промовираше оваа капитална инвестиција и беа првите лопатари на чело со поранешниот Премиер Димитар Ковачевски. Не ни е јасно зошто тогаш ЛИДЛ беше одлична, а сега е непосакувана инвестиција“, вели Никола Мемов, портпаролот на ЗНАМ.
Очигледно, според него, СДСМ повторно тонејќи во сопствената мизирија и неспособност се враќа назад на старите патеки и повторно ја презема улогата на кочничар на економскиот развој на Македонија.
„Заробени во своите навики дека од секоја приватна инвестиција треба да извлечат личен бенефит и профит или народски кажано да рекетираат, обвинуваат дека тоа го прават другите. Во континуитет, СДСМ се води од народната поговорка: „Крадецот вели, држете го крадецот“. Ние од ЗНАМ сме различни од нив и тоа безброј пати сме го докажале. Ние сме дома, во Македонија, а не во Дубаи на журките на Харис Џиновиќ, не градиме облакодери во Дубаи, ние градиме за граѓаните на Македонија. Ние ниту сме Зоран Заев кој направи милиони евра од ископите во РЕК Битола (за кои сега има постапки), ниту сме Венко Филипче кој земаше провизии за набавка на вакцини, реагенси и респиратори во Ковид кризата“, порача тој.
Упати пораки до СДСМ и јавноста во врска со една од најголемите капитални инвестиции во Македонија:
„Нема ништо скриено. Сè е јавно. Сè е може да се провери. Сè е законски. Ова не е политика – ова е дефокус од вашите корупциски афери. СДСМ е партија во паника“, рече, меѓу другото, Мемов.
Не стивнуваат реакциите по изгласувањето на Деталниот урбанистички план во Куманово за просторот кај поранешен ЧИК Куманово, каде што треба да се гради маркетот „Лидл“. Од СДСМ обвинија дека целата процедура од измените до изгласувањето на ДУП-то е спорна и коруптивна.
На денешната прес-конференција, советничката група на СДСМ и коалицијата во општина Куманово, алармираа дека се работи за криминал чист како солза, во кој претседателот на движењето ЗНАМ и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски и партијата ДУИ се во тешка коруптивна спрега.
Од СДСМ велат дека Димитриевски, кој остро се противеше на политиките на ДУИ, заради лични бизнис интереси во соработка со советниците од ДУИ во Куманово, го донесе коруптивниот Детален урбанистички план.
„Ова што го режираше Димитриевски, поддржан од советниците на ДУИ, треба да влезе во книгите за организиран криминал и корупција. Да ја потсетиме јавноста, дека првиот обид за носење на ДУП-от пропадна заради судир на интереси на советникот на ЗНАМ. Откако ова не им успеа, Максим Димитриевски и кумот решаваат да го донесат овој ДУП по секоја цена и наоѓаат нов начин. Тука во пресрет им излегува наводно лутата опозиција против која Максим се бори, а тоа е ДУИ. Со помош на гласовите на ДУИ, вчера општината го усвојува ДУП-от“, рече советничката на СДСМ во општина Куманово, Атина Мургашанска.
Советничката група на СДСМ обвини дека ова е класична шема на тргување со влијание и злоупотреба на службена положба.
„Како тоа ДУИ, која на хартија е опозиција, гласа за предлог на градоначалник кој нема мнозинство? Нели ДУИ беа оние против кои се бореше ЗНАМ на Максим Димитриевски? Или кога е бизнис во прашање добри се? Дали е точно дека за да изгласаат, им е ветена противуслуга на поединци?“, рече Мургашанска.
На прес-конференцијата, Мургашанска, изјави дека целата процедура за овој ДУП е спорна и коруптивна. Тендерот за продажба на државното земјиште во индустриската зона Речица е распишан во 2023 година и потоа директно од државата е продаден на „Лидл“ за 5,5 милиони евра. Криминалот како што кажа совтничката од СДСМ, започнува два месеци по продажбата.
„Друга парцела која е во сопственост на таткото и братучедот на Димитриевски, е купена од кумот на Димитриевски, Драган Митевски, за 250.000 евра. По само неколку дена, истата парцела е препродадена на „Лидл“ – за 600.000 евра. Кумот на Димитриевски, кој го купил земјиштето од фамилијата на Димитриевски, заработил 350.000 евра – за неколку дена. Може ли Димитриевски да ги поучи граѓаните како со купување и препродажба на земјиште за неколку дена се прави профит од 350.000 евра“, рече Мургашанска.
Од советничката група на СДСМ во општина Куманово бараат институциите секој во својата надлежност да го истражат случајот.